Поради пукање уапсена поранешната НБА ѕвезда, Шон Кемп

Шон Кемп, 53-годишната поранешна голема ѕвезда на кошаркарската НБА лига, уапсен е откако учествувал во престрелка во градот Такома, во сојузната држава Вашингтон.

Сѐ уште нема официјален полициски извештај за настанот, но американските медиуми објавија снимки од случајни очевидци на инцидентот. На паркиралиште дошло до речиси револверашка пресметка меѓу Кемп и непознати лице во соседен автомобил.

Инцидентот се случил во раните попладневни часови по локално време во средата, а четири часа подоцната Кемп и уште неколку лица се приведени откако на самото место било најдено огнено оружје.

Во периодот додека настапуваше за тимот од Сиетл, од 1989 до 1997 година, Кемп беше еден од најдобрите крилни центри во лигата, а многумина го сметаат за зачетник на атрактивните и егзибициски „забивања“ во НБА лигата. Заедно со Гери Пејтон и како играч на Сиетл настапи во едно големо финале кога подобри од Суперсоникс беа Чикаго Булс.

По Сиетл, играше и за Кливленд, Портланд и Орландо, а во кариерата шест пати настапуваше на „Ол стар“ натпреварите, а трипати беше избиран во втората најдобра петорка во лигата.