Засега од непознати причини од денеска напладне гори сува трева над Битола, јавува ТВ21. Од Територијалната Противпожарна Единица во Битола велат дека во текот на денот интервенирале неколку пати, но пламените јазици вечерва се прошириле поради силниот ветер.
Моментално интервенира една екипа, но местото на пожарот е тешко пристапно за екипата. Дополнителни проблеми создава силниот ветер кој вечерва во Битола достигнува и до 80 km/h.
Од УХМР излегоа и со предупредување во кое се вели дека поради влијание на влажен и студен бран денес во попладневните часови ќе има врнежи кои ќе бидат претежно од дожд, а во текот на ноќта на планините, како и во некои пониски места ќе преминуваат во снег. Пообилни врнежи од дожд ќе има во текот на ноќта, во северните делови, локално од 10 до 15 л/м2, а во ноќните часови врнежите во западните делови насекаде ќе бидат од снег, повремено ќе се интензивираат и ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 20см.
Попладне ќе дува умерен западен, а во текот на ноќта засилен северен ветер кој повремено ќе достигнува брзина до 80км/ч.