Поради слабата побарувачка на електрични возила VW гаси работни места

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ (VW) објави дека ќе го намали бројот на работните места во фабриката за електрични автомобили во Цвикау во матичната Германија поради слабата побарувачка.

Без работа по истекот на 12-месечниот договор така ќе останат 269 работници, ги известил во четвртокот работодавецот. Поедностите ќе бидат утврдени следните денови во договор со синдикатите и работничкиот совет, наведуваат од VW.

Компанијата наведува дека гаси работни места поради „актуелната ситуација на пазарот“. Се смета дека побарувачката на електрични автомоби е слаба поради високата инфлација и укинувањето на државните субвенции. Автомобилите на алектричен погон се поскапи од варијантите со мотори на внатрешно согорување.

Фабриката во Цвикау склопува исклучиво електрични автомобили за „Volkswagen“ и неговите филијали „Audi“ и „Cupra“. Вработува вкупно 10.700 работници, вклучително и 2.200 на одредено време, коишто, исто така, би можеле да останат без работа.

„Volkswagen и натаму стопроцентно е убеден дека треба да продолжи по патот на електричната мобилност“, истакнал портпаролот на компанијата, додавајќи дека не ги менувале плановите.

Според него, иднината на фабриката во Цвикау е сигурна и најавува нови вложувања.

Станува збор за првиот погон на VW кој започна со производство на електрични возила, и тоа моделите ID.3, ID.4 и ID.5 на „Volkswagen“, Q4 e-tron и Q4 Sportback на „Audi“ и Born на „Cupra“. Во оваа фрабрика производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување беше прекинато во 2020 година.

И покрај слободните капацитети во фабриката во Цвикау, компанијата планира да ги произведува моделите ID.3 и Q4 e-tron и во други погони.

„Од крајот на 2023 година ќе го произведуваме Q4 e-tron и во Цвикау и во Брисел“, соопшто портпаролката на „Audi“.