Принцот Ендру никогаш нема да се врати во кругот на британското кралско семејство по објавувањето на документите во кои се детализирани наводите за секс скандалот со малолетничка и поврзаноста со Џефри Епстајн, објавија британските медиуми.
Документите објавени од судот во Њујорк вчера повторно ја вратија во центарот на вниманието поврзаноста на војводата од Јорк, принцот Ендру со педофилот Џефри Епстајн, со тврдења дека принцот извршил „сексуална злоупотреба“ и учествувал во „оргија со малолетници“.
И покрај ова, Ендру жестоко и постојано ги отфрли сите обвинувања против него. Добро поставени извори за Daily Mail вчера изјавиле дека, иако тврдењата на судот не биле изненадување, тие ќе послужат за „кристализирање“ на одлучноста на кралот Чарлс конечно да го реши „проблемот Ендру“.
Неодамна објавените судски документи се верува дека ја зајакнале одлучноста на кралот дека на Ендру никогаш повеќе нема да му биде дозволено повторно да ги преземе кралските должности.
Веќе се работеше на планови да го исфрлат од „Ројал лоџ“, неговиот дом со десет спални соби во Виндзор, каде што живее од 2003 година, и да го преместат во помала резиденција во согласност со неговиот статус на „понизок ранг“.
„Кога станува збор за каква било јавна улога на неговиот брат, нема враќање назад. Секогаш постоеше договор дека на Ендру ќе му биде дозволено да присуствува на приватни и семејни настани, како што е негово право. Но, не јавни или официјални. Тоа не се промени“, изјавил изворот за Daily Mail.