Премиерлигата и Фудбалската федерација на Англија (ФА) донесоа попладнево одлука да се одложат сите фудбалски натпревари закажани за овој викенд поради смртта на британската кралица Елизабета Втора, која почина вчера на 96-годишна возраст.
Одлуката на фудбалското раководство уследи и покрај тоа што британската Влада објави дека двете тела немаат таква обврска.
– Во знак на почитување на нејзиното височество кралицата Елизабета Втора, натпреварите од Премиерлигата овој викенд ќе бидат одложени, вклучувајќи ги и натпреварите во понеделник вечер, се наведува во соопштението.
Поради смртта на кралицата Елизабета Втора во Велика Британија претходно беа откажани и други спортски настани во рагби, крикет, голф и велосипедизам.