
Тешко е прооден патот до три села од подножјето на Кожуф поради снежна покривка од околу 20 сантиметри. Засега само со џипови се стигнува до селата Бојанчиште, Бохула и Чемерско, пренесува МИА.
– Интензивно се работи на терен, веќе целосно е оспособен за движење патот кон селата Мрежичко, Рожден и Мајден каде што се наоѓа светски познатиот рудник Алшар. Во моментов механизацијата работи на потегот кон Михајлово, а до вечер за движење и со лесни возила ќе бидат оспособени и патиштата кои водат до трите села до кои сега потешко се стигнува, па целиот регион на подножјето од Кожуф ќе биде целосно прооден за движење, соопштија од компанијата задолжена за одржување на патиштата во зимски услови.
Од компанијата информираат дека годинава имаат обезбедено и дополнителна механизација, па со збогатениот возен парк, очекуваат расчистување на патиштата од снег, во најкус можен рок.