Поради Тајван, Кина ги прекина преговорите за контрола на вооружувањето со САД

(AP Photo/Mark Schiefelbein, File)

Кинеското Министерство за надворешни работи во средата објави дека Кина ги прекинала преговорите за контрола на нуклеарното вооружување со Соединетите држави во знак на протест поради американска продажба на оружје на островот Тајван, кој за Пекинг е кинеска одметната покраина а Вашингтон треба да се придржува до договорот за „една Кина“.

Портпаролот на министерството Лин Џиан рече дека континуираната продажба на оружје на САД на Тајван во последните месеци „сериозно ја загрозила политичката клима за продолжување на консултациите за контрола на вооружувањето“.

„Со оглед на тоа, кинеската страна одлучи да ја одложи дискусијата со Соединетите држави за нова рунда консултации за контрола на вооружувњеето и неширење на нуклеарното оружје. Одговорноста целосно паѓа на САД“, рече Лин на редовниот дневен брифинг со новинарите во Пекинг.

Додаде дека Кина е подготвена да продолжи да комуницира за меѓународната контрола на вооружувањето, но дека САД „мора да ги почитуваат основните интереси на Кина и да ги создадат неопходните услови за дијалог“.

Американските и кинеските власти ги продолжија разговорите за нуклеарното оружје ланскиот ноември, но официјалните разговори за контрола на оружјето не се очекуваа наскоро и покрај загриженоста на САД за брзото акумулирање на кинеското нуклеарно оружје. Кина, имено, долго време одбиваше да разговара посочувајќи во диспаритетот на нуклеарните капацитети во однос на САД и Русија.

САД проценуваат дека Кина има 500 оперативни нуклеарни боеви глави и веројатно ќе има повеќе од 1.000 до 2030 година. САД имаат околу 3.700 нуклеарни боеви глави, од кои 1.419 се распоредени стратешки нуклеарни боеви глави. Русија има околу 1.550 единици распоредено нуклеарно оружје, а според Федерацијата на американските научници – залихи од 4.489 нуклеарни боеви глави.

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна ја разгенви кинеската влада велејќи дека Вашингтон ќе го брани Тајван доколку островот биде нападнат од Кина, што претставува пресвртница во повеќедецениската американска политика на „стратешка двосмисленост“ кон земјата. Бајден на 4-ти јуни дозволи можноста за евентуална интервенција на американската војска во случај на можен конфликт меѓу Кина и Тајван. Според него, САД ќе преземат таков чекор доколку Кина реши еднострано да го промени статусот на Тајван.

Вашингтон и Тајпеј немаат официјални дипломатски или воени односи од 1979 година, кога САД престанаа да ја признаваат земјата и го раскинаа одбранбениот пакт, кога со Пекинг го договорија почитување на принципот „една Кина“ во обидот да се добие силен регионален сојузник против тогашниот Советски сојуз.