Поради зимската бура во САД пред празниците откажани 4.400 летови

Повеќе од 4.400 летови се откажани во текот на два дена поради силното зимското невреме кое ги погоди САД, а се совпадна со почетокот на продолжената празнична сезона, за којашто се очекуваше дека ќе оствари најголем број патувања досега.

Во четвртокот во САД беа откажани 2.350 летови а во петокот уште 2.120, според веб-страницата за следење летови FlightAware, додека патничкиот железнички превозник „Amtrak“ откажа возови на десетици правци во текот на Божик, оневозможувајќи ги празничните патуваа за десетици илјади Американци.

Во четвртокот, исто така, одложени се уште 8.450 летови, вклучително и повеќе од третина од летовите на компаниите „American Airlines“, „United Airlines“ и „Southwest Airlines“. Последната во четвртокот откажа 865 летови, околу петтина од сите планирани летови, а за петокот укинати се уште 550 летови.

Сојузната управа за воздухопловство соопшти во четврток дека зимската бура носи виулици на Средниот запад, а се очекуваат и големи откажувања на патувањата во Чикаго, Детроит и Минеаполис – Сент Пол.

Компанијата „Delta Air Lines“ во четвртокот откажа 140 летови од вкупно 4.400 и за петокот уште 90, според податоците на FlightAware, и предупреди дека „во петокот ќе има потреба од дополнителни откажувања, бидејќи бурата продолжува да влијае врз активностите во Детроит и на североистокот од САД“.

Од 19,30 часот според времето на американскиот Источен брег откажани се 25 отсто од заминувачките летови од чикашкиот аеродром „О’Хара“ и 37 отсто од летовите од „Чикаго Мидвеј“, како и 27 отсто од полетувањата од аеродромот во Денвер.

Од „Amtrak“ објавија дека откажуваат неколку десетици планирани возови на Средниот запад до Божик поради временските услови, вклучително и возовите во сојузните држави Мичиген, Илиноис и Мисури, како и возовите меѓу Њујорк и Чикаго.

Минатогодишните божикни и новогодишни празници во САД, како и ширум светот, беа нарушени со избувнувањето на пандемијата на коронавирусот поради што воздухопловните компании беа принудени да откажат илјадници летови.