Порака која ја враќа вербата во луѓето

Фотографија на која е снимена порака што еден возач од Белград му ја оставил на друг, откако удрил во неговиот автомобил, го воодушеви регионот.

Возачот кој ја напишал пораката му објаснил на сопственикот на удрениот автомобил дека „малку го чукнал“ затоа што не се паркирал убаво и дека не може да го чека оти брза, но му го оставил бројот на мобилниот телефон. На крајот напишал: „Брзам, извини“.

„Гест на возач што ја враќа вербата во луѓето“, стои во описот на фотографијата која е објавена на страницата на Фејсбук „Дневна доза на убаво“.

Фотографијата, како што се наведува на Фејсбук, е снимена на Баново Брдо во Белград, а за помалку од 24 часа „заработи“ повеќе од 13.500 „лајкови“ и многу коментари. Но, покрај позитивните реакции и пофалби, има и коментари кои изразуваат сомнеж.

„Даден е погрешен број сто отсто“, стои во еден од коменатарите, додека во друг пишува: „Кога фотографирал, ја изгорел хартијата“.

Сепак голем број корисници не се сомневаат дека приказната е вистинита, оценувајќи дека денес е тешко да се верува оти постои човечност.