Поранешен американски командант смета дека до следното лето Украина може да го поврати Крим

Бен Хоџес, поранешни командант на американските трупи во Европа смета дека до летото следната година Украина може да го поврати црноморскиот полуостров Крим со доминантно руско и рускојазично население кој по превратот во Киев 2014 година се присоедини на Русија што не го признава Западот.

„Кога ќе разгледам, гледам дека ситуацијата во којашто се наоѓаат Русија од седмица во седмица е сѐ полоша. Велат дека војната е тест на волјата и логистиката, а во двата аспекта Украина е далеку посупериорна“, вели Хоџес за германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung, без да даде показатели.

„Русите мора да ја загубат војната, бидејќи во спротивно ќе се обидат повторно да војуваат по две или три години“, смета поранешниот американски командант.

Според Хоџес, „единствената надеж“ на руското водство е во тоа западните земји да се поколебаат кога станува збор за нивната воена помош на Украина.

„Значи, тие прават сѐ што можат да ја продолжат војната, и шират страв и несигурност на Западот. Секое средство притоа ќе им послужи:; момчињата кои сега ги регрутираат како топовско месо, како и напади на инфраструктурата на Западот“,  тврди поранешниот генерал.

„Верувам дека затоа во претстојните седмици и месеци почесто ќе гледаме такви саботажи и напади или барем обиди“, заклучува Хоџес.