Поранешен генерал на британската армија предупредува на можен напад на борците на приватната руска паравојска „Вагнер“ врз Украина од Белорусија, доколку поголем број од нивните борци го следат нивниот шеф Евгениј Пригожни, кој таму треба да замине во егзил по договорот да му биде простен бунтот што во саботата го поттикна против рускиот воен врв.
„Фактот што оди во Белорусија предизвикува загриженост“, изјави во неделата за Sky News поранешниот началник на британскиот Генералштаб Ричард Данат, ден откако Пригожин го запре кусиот бунт на борците на „Вагнер“ кој според сопствените изјави самиот тој го поттикнал поради наводно убивање на неговите борци од страна на руската војска.
Британските медиум велат дека сѐ уште не е јасно колку борци на „Вагнер“ ќе го следат Пригожин во соседната држава која има безбедносен и договор за сојузна држава со Русија, а чијашто бројка се проценува на 25.000 луѓе.
Меѓутоа, протоа се испушта од превид фактот дека борците на „Вагнер“ се амнестирани за учество во бунтот а за возврат ќе им биде понуден договор со Министерството за одбрана. Притоа, не е јасно како се замислува борците на „Вагнер“ со сето тешко вооружување, вклучително и тенкови и оклопни борбени возила, па и авиони и хеликоптери во своите формации, да се префрлат незабележано на територијата на Белорусија.
„Доколку успее да ги задржи ефективните борбени сили околу себе, тогаш повторно претставуваат закана за украинските сили, бидејќи ќе бидат најблиску до Киев“, резимира пензионираниот британски генерал Данат.
Според него, би било „сосема возможно“ Русија да ги искористи „Вагнер“-овците за повторно да се обиде да го заземе Киев, без оглед на кусотрајниот бунт кој заврши со согласноста на Пригожин да се пресели во Белорусија.