Поранешен напаѓач на Арсенал приведен поради шверц на канабис

Поранешниот напаѓач на англиските фудбалски клубови Арсенал и Ипсвич Таун, 33-годишниот Џеј Емануел-Томас е приведен поради организирање обид за шверц на 60 килограми канабис во вредност од околу 800.000 долари.

Англиската полиција на почетокот од септември открила канабис скриен во четири куфери кои пристигнале од Бангкок на аеродромот Стенстед. Во патните торби биле скриени 60 килограми канабис во вредност од околу 800.000 долари. Полицијата приведе две жени на возраст од 28 и 32 години, а една од жените е партнерка на Емануел-Томас.

Неколку дена подоцна полицијата го приведе и англискиот фудбалер, кој моментално настапува за шкотскиот второлигаш Гринок Мортон, под сомнение дека е главен организатор на пратката.

Џеј Емануел-Томас не се изјасни за обвинението во Судот на Карлајл, но неговиот адвокат рече дека тој „жестоко“ негирал вмешаност во каква и да е шема за увоз на дрога во Велика Британија и сакал да го исчисти своето име на судењето.

Фудбалерот е задржан во притвор откако е одбиено барањето за кауција и ослободување. Максималната казна за увоз на канабис во Обединетото Кралство е до 14 години затвор.

Англискиот напаѓач дојде преку академијата на Арсенал, но забележа само пет настапи за лондонскиот клуб. Поголемиот дел од својата кариера го помина на позајмица во Блекпул, Донкастер Роверс и Кардиф Сити. Ги напушти „Топчиите“ во 2011 година, потпишувајќи за Ипсвич Таун, а играше и за Бристол Сити, Квинс Парк Ренџерс, Абердин… Од оваа сезона го носи дресот на Гринок Мортон.