Поранешна менаџерка во Facebook сведочеше против компанијата пред Конгресот

Поранешната вработена во американсктата технолошка компанија „Facebook Inc“, Френсис Хојген, на сведочењето пред Конгресот во вторникот истакна дека производите на таквите компании им штетат на децата и ја поттикнуваат поларизацијата во САД и дека директорите на најголемата социјална мрежа во светот ги отфрлаат промените бидејќи нивниот профит е поважен од безбедноста.

Хојген, која сведочеше во Сенатот пред Поткомитетот за заштита на потрошувачи, ја обвини компанијата дека е свесна дека Instagram, во сопственост на „Facebook Inc“ им штети на некои тинејџери и дека компанијата не е искрена во својата јавна борба против омразата и дезинформациите. Хојген ги поткрепи тврдењата против Facebook со десетици илјади внатрешни документи што тајно ги копирала пред да ја напушти работата во одделот за граѓански интегритет. Таа, исто така, поднесе жалба до федералните власти, тврдејќи дека внатрешните истражувања покажале дека компанијата влијае врз зголемување на говорот на омраза, дезинформации и политички немири, но дека ги крие тие информации.

Хојген вели дека одлучила да излезе пред јавноста со своите тврдења, бидејќи смета дека „производите на Facebook м штетат на децата, поттикнуваат поделби и ја ослабуваат демократијата“.

„Челниците на компанијата знаат како да ги направат Facebook и Instagram побезбедни, но ги отфрлаат неопходните промени бидејќи нивниот астрономски профит е поважен од луѓето. Конгресот треба да реагира. Нема да ја решат оваа криза без ваша помош“, предупреди Хојген во текот на нејзиното сведочење на сослушувањето во Сенатот.

Весникот The Wall Street Journal неодамна објави дека внатрешните документи на Facebook покажуваат дека компанијата била свесна за негативните ефекти од своите производи, но не презела посериозни чекори за борба против потенцијално штетните последици.

Поткомитетот на Сенатот истражува како Facebook користел информации од своите истражувачи за Instagram што може да укаже на потенцијално штетно влијание врз младите корисници, особено девојчињата, а во исто време се обидува да го минимизира значењето на негативните последици.

„Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук постојано ја мами јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на нејзините системи за вештачка интелигенција и нејзината улога во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби“, нагласи Хојген во Сенатот.

Во Facebook привремено го запре развојот на својот проект Instagram Kids (Инстаграм за деца) поради стравувањата од потенцијално штетното влијание на платформата врз младите луѓе, вклучително и појава на вознемиреност и депресија.