Поранешниот авганистански претседател Карзаи се сретна со претставници на талибаните

Претставници на авганистанското радикално исламистичко движење Талибан имале средби со другите политички сили во Авганистан, вклучувајќи го и поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи, може да се види од слики споделени на Твитер, пренесе германската новинска агенција DPA.

На снимките од средбите се прикажани Карзаи и Абдула Абдула, претседател на Високиот совет за национално помирување, на средба со Анас Хакани, висок припадник на талибаните и висок водач на авганистанската бунтовничка група Хакани, која важи за најдобро организирана мрежа.

DPA, повикувајќи се на локални неименувани извори, јавува дека средбата се одржала во куќата на Абдула во Кабул.

Содржината на разговорот не е позната. За средбата нема детали ниту на официјалните талибански канали, а не може да се стигне ниту до портпаролите на Карзаи и на Абдула.

Портпаролот на талибаните Забиула Муџахид на прес-конференција соопшти дека тие сакаат да ја споделат власта со други политички сили во земјата.