Битолското јавно обвинителство достави до Основниот суд Битола обвинение со кое поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески го товари дека истиот во еден кривично правен настан како соизвршител, а во повеќе други настани самиот сторил злоупотреба на службената положба и овластување. Едновремено со обвинителниот акт се опфатени и поранешен секретар на општина Битола и четворица членови на Комисијата за јавни набавки кои ја спроведувале набавката за превоз на ученици за учебната 2015/2016 година, кои се товарат дека како соизвршители го сториле горенаведеното кривично дело, информира Обвинителството.
– Обвинетите В.Т. поранешен градоначалник на Битола, С.П. како претседател, С.Д. како заменик-претседател, В.П. и П.П. како членови на комисијата за јавни набавки во периодот од јули до октомври 2015 година во Битола, заедно договорени како службени лица, ја искористиле својата службена положба и овластување при спроведување на јавната набавка за посебен превоз на ученици за 2015/2016 година. Обвинетиот С.Б. како секретар на општината ги пречекорил границите на своето службено овластување при вршење на јавната набавка за превоз на ученици во средно и основно образование кои имаат право на бесплатен превоз за учебната 2015/2016 година – велат од Обвинителството
Според Обвинителството, обвинетиот градоначалник, спротивно на член 28 став 2 од Законот за јавни набавки, донел одлука за јавна набавка без да ја утврди количината на набавката и само со утврдена вредност на набавката. Тој преку одделението за јавни набавки на 13 јули 2015 година побарал од основните и средните училишта од Битола да достават податоци за бројот на ученици за превоз по посебни линии, кои информации биле доставени до 15 октомври 2015 година. Но, вредноста на јавната набавка во висина од 22.327.813 денари била определена уште на 29 јули 2015 година кога општината го објавила огласот со рок за доставување понуди до 9 септември, кој потоа бил продолжен до 15 септември 2015 година. Потоа, комисијата за јавни набавки на 7 октомври 2015 година, односно пред добивање на побараните податоци од училиштата за конкретниот број на ученици по секоја посебна линија, спровела електронска аукција за вкупно 17 превозни линии.
– При тоа иако поднесените цени за 11 превозни линии биле повисоки во однос на цените во постапката за јавни набавки од претходната 2013/2014 учебна година при исти параметри за определување на цените и континуиран пад на цената на нафтените деривати од 2013 до 2015 година, обвинетиот С.Б. како секретар на општината пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување и немајќи надлежност да постапува и да одлучува за јавни набавки, сепак го одобрил склучувањето на договорите со понудувачите по понудените повисоки цени. По даденото одобрување од секретарот на општината, членовите на комисијата ја продолжиле постапката и спротивно на законот доставиле Извештај до обвинетиот поранешен градоначалник кој донел Одлука за избор на најповолни понудувачи, по што бил склучени договори со вкупно четири друштва – превозници, од чие склучување за општина Битола настанала од сите линии штета во вкупна значителна вредност од 4.819.901,00 денари – велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека обвинетиот В.Т. како градоначалник на општината, во периодот од септември до декември 2015 година, ги пречекорил своите службени овластувања и не ја извршил својата службена должност за организирање на превозот на ученици на подрачјето на општина Битола согласно член 43 ст. 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај. Имено, согласно законските одредби, градоначалникот бил должен превозот на ученици да го организира како посебен линиски превоз со исклучување на други патници и по утврден возен ред. Тој тоа не го сторил, туку откако била спроведена постапка за доделување на пакет линии за вршење на општински линиски превоз на патници во Битола и биле избрани најповолните понудувачи, со нив потпишал дополнителни договори за превоз и на учениците со важност од 5 години сметано од 1 јуни 2015 година. На тој начин, обвинетиот на 12 друштва – превозници им прибавил корист изразена во правото да вршат посебен превоз на ученици, без објавен јавен повик за набавка на посебен линиски превоз за периодот од септември 2015 до јуни 2016 година.
– Истовремено со обвинителниот акт, обвинетиот поранешен градоначалник на општина Битола, се товари дека на 14 ноември 2016 година, како службено лице, спротивно на Законот за јавни набавки незаконски постапил при набавка на масло за греење за грејната сезона 2015/2016 година за училиштата и градинките во Битола. Тој донел Одлука за набавка на лесно масло за горење за потребите на општина Битола, основните и средни училишта и детските градинки, без да ја утврди количината на набавката, туку само вредноста во висина од 24.500.000 денари. По објавување на огласот за јавна набавка на кој се пријавило едно трговско друштво со понудена вкупна цена од 31.087.865 денари, односно со повисока цена од обезбедените средства, тој не го поништил објавениот оглас, туку со измени на одлуката одобрил зголемување на вредноста на обезбедените средства. Па така, обезбедил нови средства во висина од 36.637.000 денари, односно извршил зголемување од 49,7 отсто, по што со Одлука ја прифатил доставената единствена понуда од друштвото како најповолна, иако понудувачот не понудил рабат на цената, што било вообичаена пракса на сите дотогашни постапки за јавни набавки. По спроведената електронска аукција останал на првично понудената цена, што бил основ поради кој постапката за јавна набавка требало да биде поништена согласно член 169 од Законот за јавните набавки, како што впрочем било направено со друга слична набавка во општината. Со тоа, обвинетиот на понудувачот му обезбедил корист изразена во правото да испорачува лесно масло за горење во периодот од 12 месеци, сметано од 6 февруари 2017 година како ден на склучување на соодветните договори со општината, училиштата и градинките потписнички на Договорот за извршување на групна набавка – објаснуваат од Обвинителството.
Од Обвинителството велат дека обвинетиот поранешен градоначалник се товари и за незаконско постапување при јавна набавка за изведување на редизајнот и изградбата на два моста во Битола. Имено, во периодот од 2014 до 2015 година, во постапката за јавна набавка за редизајн на мостот под Безистенот, по спроведена постапка за јавна набавка, откако општината исклучила еден од двајцата понудувачи заради негативна референца, спротивно на законот бил склучен договор со преостанатиот понудувач за изведба на работите и била извршена исплата во вкупен износ од 2.358.304 денари, иако реалната пазарна цена за изведување на овие работи изнесувала 1.875.237 денари. Со ваквите дејствија обвинетиот нанел штета на општината во висина од 483.067 денари.
Обвинителството го товари обвинетиот поранешен градоначалник и за незаконитости во постапката за реконструкција со доградба на Црн Мост. Имено, откако била спроведена јавна набавка за избор на изведувач за вршење на работите за реконструкција на Црн Мост и бил склучен договорот со изведувачот со вредност во висина од 36.340.731 денари, дополнително без спроведена соодветна постапка склучил уште три анекси кон основниот договор со кои вредноста на основниот договор се зголемила за вкупно 13.059.557,75 денари или за 35,94% и со кои наместо реконструкција се извршила изградба на нов мост, иако за тоа немало ниту одлука на Советот на Општината, ниту пак била спроведена соодветна јавна набавка, со што постапил спротивно на Законот за јавни набавки.