Поранешниот израелски министер за одбрана Галант поднесе оставка од пратеничката функција

Поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, кој често зазема став независен од премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите крајно десничарски сојузници во владата, во средата изјави дека се повлекува од своето место во парламентот.

Нетанјаху го разреши Галант од владата во ноември по неколкумесечни несогласувања околу војната против Хамас во Газа, но тој го задржа своето место како избран член на Кнесетот.

„Како што е на бојното поле, така е и во јавна служба. Има моменти кога човек мора да застане, да оцени и да го избере правецот за да ги постигне своите цели“, рече Галант во телевизиска изјава.

Галант често влегуваше во конфликт со Нетанјаху и неговите коалициски партнери, крајно десничарските и верските партии, вклучително и околу ослободувањето од воена служба на ултраортодоксните Евреи.

Во март 2023 година, Нетанјаху го разреши Галант откако овој повика на запирање на многу контроверзниот владин план за намалување на овластувањата на Врховниот суд. Планот во врска пренесувањето на некои овластувања од Врховниот суд на парламентот, а подоцна и разрешувањето на Галант предизвикаа масовни протести по што Нетанјаху се повлече, барем привремено, од предлогот.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Галант и Нетанјаху, заедно со лидерот на Хамас, за воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа, што Израел го оспорува.