Поранешниот косовски премиер Агим Чеку повикан како осомничен во Хаг

Специјалниот суд за воени злосторства го повикал Агим Чеку, еден од командантите на поранешнаата Ослободителна војска на Косово (ОВК – UCK) како осомничен, пренесуваат во четвртокот приштинските електронски медиуми.

Чеку потврдил дека добил покана од специјалниот суд. „Добив покана вчера како осомничен. Патувам на 28-ми септември“, изјави Чеку за Koha.

Агим Чеку завршил воена академија во Белград, а на почетокот на војната во поранешна Југославија се приклучи на тогаш формираната хрватска армија. Uчествувал во воените акции на хрватските сили „Меџачки џеб“ и „Бура“.

Во мај 1999 година, тој беше назначен за командант на штабот на ОВК. По завршувањето на војната на Косово, Чеку основа политичка партија, а во периодот од 2006 до 2008 година беше премиер на Косово.

Чеку беше уапсен неколкупати во врска со обвинение за воени злосторства, но беше ослободен по интервенција на тогашниот шеф на УНМИК, Хари Холкери.