Поранешниот министер за одбрана на Јужна Кореја, Ким Џонг-хјун, се обидел да си го одземе животот додека е во притвор во источен Сеул, каде што се наоѓа под обвинение за вмешаност и водечка улога во неуспешното воведување воена состојба во земјата.
Тој го преживеал обидот за самоубиство и моментално се наоѓа во ќелија со високо обезбедување.
„Неговиот обид за самоубиство беше неуспешен и тој сега е во стабилна состојба“, изјавил пред пратениците генералниот комесар на Корејската служба за извршување затворски санкции, Ким Јонг-хе.
Доскорашниот јужнокорејски министер за одбрана Ким Џонг-хјун поднесе оставка од функцијата минатата среда, а во притвор е од викендот. Тој се смета за клучна фигура во краткотрајното прогласување воена состојба во земјата бидејќи, според извештаите, тој му предложил на претседателот да преземе ваков чекор.