Поранешниот министер за здравство, Беким Сали, од партијата Алтернатива, денеска изјави дека, кога ја презел функцијата во септември 2022 побарал интерна ревизија за договорот за модуларните болници кои се користат како амбуланти за време на ковид пандемијата. На 25 јануари годинава извештајот бил финализиран и добил препорака Министерството за здравство да се раскине договорот со фирмата изведувач – „Брако“, бидејќи било проценето дека анекс-договорот е незаконски.
Тој тврди дека и покрај препораката новиот министер Фатмир Меџити, минатиот месец преку Владата иницирал исплата за компанијата „Брако“.
Сали се повикува на документарната емисија на ИРЛ за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Сали побара одговорност и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кого кажа дека наместо да бара виновници кај оние што ги изградиле модуларните болници, тој ги амнестирал.
Денеска, со реакција за наводите во документарниот филм на ИРЛ излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што прашуваат „до кога Јавното обвинителство ќе трепери пред олигархијата и луѓето од власта“, додека за државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е „само статист во овој случај“.