Судот во Минеаполис, во американската сојузна држава Минесота, во петокот го осуди поранешниот полицаец Дерек Шовин на 22 ипол години затвор за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, на рочиштето кое беше онлајн пренесувано на интернет страниците на локалните медиуми.
Пресудата ја прочита судијата Питер Кејхил. Судијата притоа ја остави опцијата за предвремено ослободување на осудениот по 15 години, односно по две третини од издржување на казната.
Во своето образложение судијата истакна дека неговата одлука не се заснова на „емоции, симпатии или јавното мнение“. Истовремено, додаде Кејхил, тој изрекол построга казна од вообничаеното во вакви случаи, бидејќи делото, според него, било извршено со особена суровост.
Свртувајќи се кон Шовин, судијата објасни дека го осудува на затворска казна подолга за десет години од 150-те месеци затвор коишто главно се прифатени како казна за вакво дело.
„Оваа одлука почива на вашата злоупотреба на авторитетот и довербата, како и на посебната бруталност којашто ја покажавте во однос на Џорџ Флојд“, рече судијата Кејхил.
Судијата Кејхил во мај утврди дека обвинителите покажале дека постојат четири дополнителни фактори кои овозможуваат поголема затворска казна за Шовин. Во април годинава големата порота на Минеаполис донесе осудителна пресуда во случајот на Шовин. Но таа предизвика реакции, бидејќи поранешниот полицаец беше прогласен за виновен за убиство без предумисла.
Обвинителството инаку бараше изрекување на казна затвор за Шовин во траење од 30 години. Како што образложи заменикот-јавен обвинител на Минесота, Метји Франк, Шовин постапил „сурово, цинично, во присуство на деца, нарушувајќи ги нормите за однесување на полицијата“.
Самиот Шовин изрази сочувство до семејството на Флојд, но изрично не се извини.
„Сакам да изразем сочувство до семејството на Флојд. Има некои информации коишто ќе бидат од интерес во иднина и, се надевам, ќе ве успокојат“, изјави поранешниот полицаец во завршните зборови пред изрекувањето на пресудата.
Ерик Нилсен, адвокатот на Шовин, побара условна казна аргументирајќи дека убиството на Флојд може да се опише како „грешка направена во добра намера“.
Тројцата други полицајци кои учествувале во апсењето на Флојд, како и Шовен беа отпуштени од полицијата уште следниот ден по инцидентот. Ним ќе им се суди следната година, поради помагање и поддржување во убиството на Флојд.
На 25-ти мај 2020 година полициска патрола во која бил и Дерек Шовин примени техника за придушување при обид да го приведе Џорџ Флојд, малку претходно пријавен за обид за подметнување фалсификувана банкнота од 20 долари.
На видеоснимките кои беа објавени на социјалните мрежи, Флојд кој претходно заедно со Шовин биле ангажирани на обезбедување на локал, се гледа како полицаецот девет минути го притиска со коленото вратот на 46-годишниот Флојд кој моли дека му недостасува воздух и оти се задушува. Флојд подоцна починал во болница.
Набрзо потоа во Минеаполис и ширум САД избувнаа масовни протести против бруталноста на полицијата против афроамериканците и против расизмот. Но протестите многу брзо се претворија во насилстав придружени со жртви, судири со полицијата, подметнувани пожари и грабежи. Протестите, исто така, се проширија и главно во западна Европа.