Поранешниот премиер Фицо повторно ја презема владата на Словачка

Претседателката на Словачка в средата ќе назначи нова влада предводена од левичарот Роберт Фицо, кој победи на парламентарните избори на 30-ти септември со ветување дека ќе ја прекине воената помош за Украина и ќе се бори против илегалната имиграција.

Новата влада составена од коалиција од три партии ќе ја преземе власта откако ќе се реши спорот со националистичката SNS за новиот министер за заштита на животната средина. Имено, претседателката Зузана Чапутова имаше забелешки за првичната номинација за тоа министерско место, но SNS во вторникот предложи друг кандидат.

Фицо формира влада со SNS и централно-левичарската партија HLAS, со надеж дека ќе ја преземе премиерската функција навреме за самитот на Европската унија во четврток, каде Украина и миграцијата ќе бидат главни теми.

Од кабинетот на претседателката Чапутова соопштија дека сѐ е подготвено за именување на новата влада во средата, кога ќе почне со работа новиот состав на парламентот.

Социјалдемократите (SMER-SSD) на Фицо освоија 23 отсто од гласовите на изборите, пред либералната Напредна Словачка (PS) која доби 8 отсто и партијата HLAS-SD на поранешниот премиер Петер Пелегрини.

SMER-SSD ја засноваше својата кампања на ветувања дека ќе ја прекине воената помош за Украина и ќе води надворешна политика независна од нејзините партнери во ЕУ и САД. Фокусот на кампањата на Фицо беше и противењето на илегалната миграција, критикувајќи ја преодната влада дека не направила повеќе и дека не ги суспендирала шенгенските правила за „отворени граници“.

Сепак, иако некои политики во Словачка значително ќе се променат, еден од партнерите во коалицијата тврди дека тоа ќе спречи остар пресврт во политиката кон ЕУ и НАТО.

Фицо се враќа на позицијата шеф на владата откако мораше да ја напушти поради масовните протести што избија поради убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак.

Челникот на SNS, Андреј Данко, рече дека ќе направи сѐ Словачка да има стабилна влада во следните четири години. „Верувам дека Роберт Фицо може со задоволство да оди во четврток во Брисел“, изјави Данко.