Поранешниот претседател Иванов на 10-от глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН во Португалија

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, учествувал на 10-тиот Глобален форум на Алијансата за цивилизации на ОН – УНАОК на тема „Обединети во мир: враќање на довербата, преобликување на иднината – Рефлексија на две децении дијалог за човештвото”, што се одржал во од 25 до 27 ноември годинава во Кашкаиш, Португалија.

На свеченото отворање на форумот се обратиле Претседателот на Португалија, Кралот на Шпанија, МНР на Турција и заменикот Генерален секретар на ОН и висок претставник на ОН за Алијансата на цивилизациите, како домаќини на форумот, односно ко-основачи на иницијативата Алијанса на цивилизации. На форумот учествувале поголем број на шефови на држави и влади, шефови на дипломатии, актуелни и поранешни, претставници на голем број меѓународни организации и др.

Како што соопштија денеска од Кабинетот на Иванов, тој се обратил на панелот посветен на образованието на тема „Поттикнување на дијалогот за мир преку инклузивно и трансформативно образование”.

Во обраќањето Иванов говорел за неговата иницијатива Школа за млади лидери како позитивен пример во сферата на образованието и едукацијата каде младите луѓе се стекнуваат со вештини кои се потребни за современите предизвици.

За време на учеството на форумот, поранешниот претседател Иванов остварил билатерална средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, со кого разговарале за потенцијалите и можната соработки во рамките на концептот Алијанса на цивилизациите. Остварил средба и со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со кого размениле мислења за глобалниот импакт на иницијативата Алијанса на цивилизациите. Иванов се сретнал и со заменикот Генерален Секретар на ОН и Висок претставник на ОН за Алијансата на цивилизациите, Мигуел Анхел Моратинос, потвдувајќи ја поддршката за концептот на алијансата на цивилизации, како и разгледувајќи ја можноста за организација на регионален настан на Обединтетите нации – Алијанса на цивилизациите во Република Македонија, по предлог на Моратинос. Иванов остварил и повеќе кратки средби со голем број на учесници на форумот.

– Од овој глобални форум на ООН произлезе и донесување на заедничка декларација на сите учесници како официјални делегации, односно претставници на меѓународни организации, се наведува во соопштението.

Покрај поранешниот претседател Иванов, на 10-тиот Глобален УНАОК форум учествувале и државниот секретар во МНР Елена Кузмановска, која исто така имала обраќање на една од сесиите, како и претставници на Кабинетот на поранешниот претседател Иванов и на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје.