Поранешниот шеф на „Audi“ се подготвува да се изјасни за виновен во скандалот со „дизелгејт“.

Поранешниот извршен директор на гераманскиот концерн за производство на возила „Audi“, Руперт Штадлер, е подготвен да ја признае својата улога во скандалот „дизелгејт“ во замена за условна казна и исплата од 1,1 милион евра, изјавија тој и неговиот правен тим во средата.

На Штадлер му се суди за измама од 2020 година за неговата улога во скандалот во кој матичните компании „Volkswagen“ и „Audi“, во 2015 година признаа дека користеле нелегален софтвер за фалсификување податоци за емисиите.

Адвокатите на Штадлер рекоа дека ќе дадат изјава на 16-ти мај, откако судијата ќе одлучи дали тоа е целосно признание и ќе донесе пресуда во јуни. Не е јасно дали Штадлер ќе ја поднесе изјавата лично или преку неговите адвокати.

Со договорот се согласиле и обвинителите. Судијата изјавил дека на 60-годишниот Штадлер му се заканува затворска казна од една ипол до две години, која ќе биде суспендирана доколку Штадлер ја признае вината.

Судењето е една од најпознатите правни постапки што произлезе од „дизелгејт“ во „Volkswagen“ и неговата филијала „Audi“. Доказите дека податоците од милиони тестови за емисии биле фалсификувани се појавија во септември 2015 година.

Според обвинителите, инженерите манипулирале со моторите така што тие ги исполнувале законските вредности за емисиите на тест-клупата, но не и на патот. Штадлер е обвинет дека не ја спречил продажбата на автомобили чии податоци биле фалсификувани по избивањето на скандалот.

На Штадлер му се суди заедно со поранешниот директор на „Audi“ Волфганг Хац и еден инженер. Хац и инженерот признале дека ги фалсификувале податоците за моторот.

Од „Audi“ одбиле да коментираат, велејќи дека не е страна во тужбата.

Договорот дојде откако одбраната на Штадлер, обвинителите и судот се договорија, особено за тоа колку Штадлер ќе плати во замена за условна казна.

Обвинителите бараа два милиони евра, наведувајќи ги платите на Штадлер во Ауди и Фолксваген, како и неговите финансиски средства и недвижен имот. Тимот на Штадлер првично тврдеше дека 1,1 милион евра се превисоки бидејќи тој моментално нема приходи и се соочува со високи правни трошоци.