Републиканецот Кевин Меккарти, кој беше сменет од позицијата претседател на Претставничкот дом во октомври, изјави во средата дека ќе го напушти Конгресот, со што ќе стави крај на неговите 17 години кариера во американскиот законодавен дом.
„Решив да го напуштам Претставничкиот дом кон крајот на годинава за да ѝ служам на Америка на нови начини“, пишува 58-годишниот Меккарти во колумната за весникот The Wall Street Journal.
Меккарти ќе остане запишан во историјата како досега единствениот претседател на долниот дом на американскиот Конгрес кој е сменет од должност, и тоа кога неговите сопартијци од Републиканската партија имаат неголемо мнозинство.
„Често се чини дека колку повеќе прави Вашингтон, толку Америка е полоша“, продолжува Меккарти, кого тврдокорните републиканци кон крајот на октомври го сменија од позицијата претседател на Претставничкиот дом.
Неговото заминување дополнително ќе го намали и онака тенкото мнозинство на републоканците во Претставничкиот дом, по исклучувањето на републиканецот Џорџ Сантос минатата седмица поради обвинувањата за корупција и злоупотреба на пари во кампањата.
„Ќе продолжам да ги регрутирам најдобрите и најпаметните во нашата земја да се кандидираат за должности. Републиканската партија со секој ден станува сѐ поголема, а јас сум доследен во пренесувањето на искуствата на следната генерација челници“, пишува Меккарти.
Во октомври падот на Меккарти го оркестрираше моќната и влијателна трампистичка фракција меѓу републиканците, откако девет месеци претходно се обидоа да сторат сѐ за да не стане претседател на Претствничкиот дом.
Првиот импичмент на претседателот во 234-годишната историја на Претставничкиот дом беше тогаш поддржан од само мал број десничарски републикански тврдокорни претставници. Сепак, Претставничкиот дом е речиси рамномерно поделен со демократите кои им се придружија на бунтовничките републиканци во смената на Меккарти.