Поранешниот советник на Трамп, Стив Бенон им се предаде на властите

Стив Бенон, поранешен советник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во понеделникот им се предал на властите, три дена откако против него е подигнато обвиние бидејќи одбил да соработува со истрагата за јануарските безредија на Капитол.

Бенон се предал во понеделникот во 9,30 часот по локално време во вашингтонската канцеларија на Федералното биро за истраги (FBI). Обвинет е дека не сакал да даде информации пред комитетот на американскиот Конгрес кој го истражува упадот на приврзаниците на Трамп на 6-ти јануари кои сакаа да го спречат потврдувањето на победата на актуелниот претседател Џо Бајден за која се уверени дека е украдена.

Пред влегувањето во зградата на FBI, Бенон гледајќи директно во камерата која во живо го пренесуваше настанот на социјалната мрежа GETTR која ја преферираат американските конзервативци, ги повика своите приврзаници да останат прибрани и концетрирани.

„Го уриваме режимот на Бајден. Сакам да останете фокусирани. Сево ова е само кревање галама“, порача Бенон.

Бенон е обвинет по две точки, поради одбивање да се појави пред истражната парламентарна комисија и бидејќи не сакал да предаде некои документи.

Поради непочитување на Конгресот му се заканува казна од една година затвор или 1.000 долари, објави министерството за правосудство. Пред судот првпат треба да биде изведен подоцна во понеделникот.

Членовите на комисијата во која доминираат демократите очекуваат дека процесот против Бенон ќе изврши притисок врз други евентуални сведоци, целејќи првенствено на шефот на кабинетот на Трамп, Марк Медоус, да сведочат. Политичката цел на таквите настојувања е да се оневозможи Трамп, како што повеќепати најави, повторно да се кандидира на следните претседателски избори во САД.

Бенон е еден од повеќе од 30 луѓе блиски на поранешниот републиканскиот претседател кои се повикани да сведочат пред комисијата на Претставничкиот дом на Конгресот, во кој мнозинството го имаат демократите, за настани кои претходеле на упадот на конзервативците во Конгресот.

Во безредијата директно загина едно лице, за уште три се смета дека починале како последици на немирите. Повредени беа стотина полицајци, а мејнстрим медиумите блиски на демократите постојано го истакнуваат податокот дека четворица полицајци кои тогаш биле во обезбедувањето на Капитол Хил извершиле следните месеци самоубиство.