Поранешниот српски министер за градежништво Горан Весиќ, кој претходните пет дена штрајкуваше со глад во притворот во Окружниот затвор во Нови Сад, во вторник е префрлен во Заводот за кардиоваскуларни болести во Сремска Каменица поради нагло влошување на неговата здравствена состојба, објавија локалните медиуми.
По прегледот од специјалист, тој со одобрение од надлежните судски органи е задржан на одделението за коронарна интензивна нега, јави агенцијата Танјуг.
Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Република Србија на 5 ноември под притисок на јавноста по уривањето на настрешницата на влезот на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица а две сѐ уште се борат за живот.
Поради таа несреќа Весиќ беше приведен 21 ноември со уште 12 лица и му се одредени 30 дена притвор, а се сомничи, како и останатите, за „тешко дело против општата безбедност во врска со кривичното дело предизвикување јавна опасност“, пренесуваат медиумите.
Неговиот брат Зоран Весиќ изјави дека поранешниот министер без никаква правна основа и сомнение за вина незаконски е во притвор.
„Мојот брат пет дена штрајкува со глад и два дена не ја зема терапијата што му е препишана како срецево болен, најави дека од утре ќе престане да зема течности, што значи дека неговото здравје е веќе сериозно загрозено и дека наскоро ќе биде неговиот живот“, изјави Зоран Весиќ во писмената изјава за агенцијата Танјуг.
Српскиот парламент ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, со што му завршува мандатот на таа функција, а српската влада претходно во петокот му го одзеде имунитетот.
Поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад, се одржаа низа протестни собири на кои граѓаните и политичката опозиција побараа политичка одговорност и кривично гонење за луѓето кои го проектирале, граделе, надгледувале и го одобрувале проектот за реконструкција на таа зграда.
Според медиумите, поради притисок од јавноста, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 21 ноември соопшти дека 12 лица се уапсени и приведени поради сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица, додека по едно лице се трага.
Како што јави Српската радио-телевизија, меѓу нив бил и Горан Весиќ, донеодамна министер за градежништво.