Поранешните вработени во Специјалното обвинителство бараат јавно извинување од претседателот на државата Стево Пендаровски, за неговиот вчерашен говор на Пелинце, кога рече
„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал, се распадна како последица на тоа, што и самото стана дел од организираниот криминал“.
Вработените во поранешното СЈО велат дека во ваквата изјава, претседателот недвосмислено зборува за СЈО, при тоа поистоветувајќи ги сите вработени, без исклучок, како да се тие дел од организиран криминал.
„Обвинителството не го сочинуваше само една личност, па оттаму крајно некоректно е, сите вработени да се поистоветат со постапките на една личност, и нивниот труд да биде девалвиран. Ниту една постапка на вработените, во сега веќе укинатото СЈО, не придонесе за распад на институцијата, туку истата беше укината со политички договор како што беше и создадена“, пишуваат вработените во поранешното сјпецијално обвинителство.
Тие го повикуваат претседателот, ако има сознанија и докази за ваквите наводи, да ги достави до надлежното обвинителство на натамошно постапување.
„Бидејќи никој, а особено не претседател на држава, не може и не смее да обвинува од говорница, бараме претседателот јавно да се извини на сите кои беа дел од СЈО и да ја повлече ваквата срамна изјава во најкус рок“, пишуваат во реакцијата вработените во поранешното СЈО.