Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска соопшти дека вкупниот број патници достигнал 1.382.714, а зголемување од 11 проценти има и кај вкупниот број полетувања и слетувања, односно во првите девет месеци се реализирани вкупно 13.009 летови.
Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром бил Истанбул по што следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Со нискобуџетската авиокомпанија „Визер“ патувале најголем број патници, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустриан ерлајнс“, „Германија флуг си“ и „Пегасус ерлајнс“.
Од „Тав Македонија“ најавуваат нови авиолинии и посета на тур-оператори.
– Нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фреквенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017 година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во текот на овој месец, Македонија ќе ја посетат и претставници на два големи полски тур оператори со цел да ги разгледаат можностите за воспоставување на првата авио-врска меѓу Полска и Македонија, со чартер-летови до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од Варшава и од Катовице во текот на летната сезона во 2017 година.
„ТАВ Македонија“ соопшти дека неодамна Македонија ја посетиле и француски тур-оператори кои ги разгледувале можностите за воспоставување чартер-летови до охридскиот аеродром. – ТАВ Аеродроми е во комуникација и со други тур-оператори од Германија, Израел, Грција, Русија и Скандинавските земји, со истата цел – да го зголеми бројот на летови и вкупниот сообраќај на „Свети Апостол Павле“, се наведува во соопштението.
Во првите девет месеци од годинава има пораст од 16,6 проценти и на карго сообраќајот на скопскиот аеродром, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго-летови за превоз на стоки на извозните компании.