Поразителна статистика за Македонија во корона-кризата

Македонија и натаму е на врвот според бројот нови дијагностицирани случаи позитивни на коронавирусот, откако во претходното деноноќие во земјата се регистрираше 101 нов случај на зараза, што е далеку најмногу во регионот.

Во вторникот, кога Македонија со коригираниот нов дневен извештај пријави 76 новозаболени, Србија дијагностицираше 24 нови случаи, Албанија 21, додека соседите на исток и југ, Бугарија и Грција по 19. Босна и Херцеговина имаше 11 нови случаи а две позитивни лица ја дополнија регионалната статистиката во Словенија. Хрватска немаше нови случаи вчера исто како и Црна Гора која веќе се води како надвор од пандемијата.

И додека во бројот на нови случаи го држиме врвот, кога станува збор за помошта која македонската влада ја одвојува за помош на економијата, земјата се наоѓа на дното во регионот.

Според истражувањето на Универзитетот Колумбија во Њујорк, Македонија за помош на економијата одвоила само 1,2% од бруто домашниот производ. Најмногу за помош на економијата во регионот одвоила Словенија, 19,7% од БДП, по што следи Хрватска со 9,3%, Србија со 6,5, Босна и Херцеговина 3,6%, Албанија со 2,8, Косово со 2,5% и Црна Гора со 1,7% од БДП.

Во светски рамки на прво место е Јапонија која за помош на економијата погодена од коронавирусот издвоила над една петтина од БДП или поточно 21,1%. Во апсолутни бројки на врвот се САД со издвоени 2700 милијарди долари што е 13% од БДП.