„Зачестените врнежи во претходните денови доведоа до значително подобрување на хидролошката состојба во земјата и постепено зголемување на водостоите на сите водотеци, зголемено прихранување на подземните води, а со тоа и зголемување на издашноста на изворите. Промените кај водотеците се случуваат во рамките на речните корита со исклучок на некои делници каде има природни препреки,“ известуваат од Управата за хидро-метеоролошки работи.
Сето ова придонесува за подобрување на состојбата со вештачките акумулации како и обезбедување на влага на почвата за подолг период. Меѓутоа, врнежите кои се очекуваат доцна попладне и првата половина на ноќта (поројни дождови), како и во наредните денови и доколку се појават со поголем интензитет во одредени подрачја, можат да предизвикаат забрзано зголемување на водостоите во реките и излевање на истите.
Како најранливи подрачја се сметаат Полошкиот регион, горниот тек на река Треска, средниот и долниот тек на р.Црна, Кавадаречко, Гевгелиско, сливот на р.Струмица, сливот на р.Брегалница, Кумановските реки, Охридско-Преспански регион.