Новиот украински претседател Петро Порошенко изјави дека во сабота ќе претстави мировен план за решавање на кризата меѓу Украина и Русија.
Порошенко се наоѓа во Полска, на првата посета во странство откако беше избран на 25 мај. Во Варшава тој се сретна со голем број шефови на држави, вклучително и претседателот на САД Барак Обама.
Утре Порошенко ќе учествува на церемониите во Норманија по повод 70-годишнината од сојузничкиот десант на 6 јуни 1944 година.
„На 7 јуни ќе го претставам мојот план за воспоставување ред и мир“, изјави Порошенко, во одговор на прашањето дали планира да воведе воена состојба во Источна Украина.
Планот предвидува децентрализација на власта, амнестија и создавање на услови за спроведување на предвремени локални избори.
Порошенко, исто така, не ја исклучи можноста да се сретне и со претседателот на Русија Владимир Путин во Норманија.