„Porsche“ продал значително помалку автомобили

Германскиот производител на луксузни автомобили „Porsche“ објави пад на продажбата во петокот поради слабата побарувачка во Кина и обновувањето на неколку популарни модели.

Во периодот јануари-септември, „Porsche“ испорачал 226.026 автомобили на клиентите, седум проценти помалку од минатата година. Продажбата на клучниот кинески пазар падна за речиси една третина поради, како што тврди менаџментот, тешката економска состојба.

Намалена е и продажбата на северноамериканскиот пазар, за пет отсто, поради доцнење на возилата на царина. Светла точка бил домашниот пазар во Германија, каде испораките пораснале за осум отсто.

Во останатиот дел од Европа продажбата е зголемена за еден процент, а на другите светски пазари, вклучувајќи ги Африка, Латинска Америка, Австралија, Јапонија и Кореја, за три проценти.

Падот беше до одреден степен очекуван, тврди менаџментот, со оглед на обновувањето на возниот парк, како што се електричниот спортски автомобил „Porsche Taycan“, моделите „Panamera“, „Cayenne“ и „Macan“ и „класичниот“ 911.

Неволји со царините

Аналитичарите предупредија дека трговските тензии меѓу ЕУ и Кина, исто така, може да му наштетат на „Porsche“. Предлогот на Европската комисија за воведување конечни дополнителни царини за увоз на електрични автомобили на батерии од Кина ја доби потребната поддршка од земјите членки и ќе стапи на сила најдоцна до крајот на месецот, според на соопштението за печатот од Брисел.

Пекинг, од друга страна, посочи дека може да одговори со зголемување на царините за увоз на бензински автомобили од ЕУ со зафатнина на моторот поголем од 2,5 литри. Лиу Бин, главен експерт на Кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување (CATARC) и заменик-директор на Кинескиот центар за истражување на автомобилската стратегија и политика, смета дека тие треба да се зголемат од 15 на 25 проценти.

Ваквиот одговор од Пекинг најмногу ќе му наштети на „Porsche“, предупредуваат аналитичарите, бидејќи тој главно произведува автомобили во Германија и ги извезува во Кина, која сочинува четвртина од нејзината глобална продажба.

Кинеското Министерство за трговија организираше состанок во текот на летото на кој, според тврдењата на два директни извори за Globel Times, покрај домашните производители SAIC и BYD, учествуваа и европски автомобилски компании меѓу кои „Porsche“, „Volkswagen“ и „BMW“.