Епидемијата на коронавирусот собори нови рекорди според бројот на починатите и заразените во Португалија, каде што властите решија да ги забранат сите патувања во странство кои не се неопходни, додека болничкиот систем е под голем притисок.
Португалија, која има речиси 10 милиони жители, во моментов е најтешко погодената земја во светот во пандемијата на коронавирусот. Во четвртокот земјата пријави 303 починати и 16.432 новозаразени во последните 24 часа, според дневниот извештај од четвртокот вечерта на португалската управа за јавно здравство.
Од почетокот на пандемијата во Португалија од последици од компликациите предизвикани од Covid-19 починале 11.608 лица, од кои повеќе од 3.000 во текот на последните две седмици.
Во Португалија од 15-ти јануари на сила е вториот општ карантин. Покрај вонредната состојба, којашто на сила е од крајот на ноември, првпат ќе бидеат забранети сите патувања кои не се неопходни.
„Освен исклучителните случаи ќе бидат ограничени патувањата со сите превозни средства“, објави министерот за внатрешни работи Едуардо Кабрита во говорот во парламентот.
Оваа мерка стапува на сила во полноќ кон неделата, кога е воведуваат контроли на копнените граници на земјата.
Европската комисија, која сака да го избегне затворањето на границите во Европската унија, им препорача на земјите членки да покренат нови ограничувања на движењето во регионите кои се најзафатени со вирусот.
Португалијата уште минатата седмица ги запре воздушните врски со Велика Британија. Лисабон во средата најави и запирање на сите летови со Бразил во петокот, а се најавува и суспендирање на летовите со Јужноафриканската Република. Станува збор за земји во кои се идентификувани новите соеви на коронавирусот кои се многу позаразни од оригиналната верзија.
Португалските здравствени власти сметаат дека епидемијата се шири забрзано од почетокот на годинава поради влегување на новиот „британски“ сој со ублажувањето на епидемиолошко-санитарните мерки во текот на божикните и новогодини празници.