Посета на министерот Џафери и генералот Котески на основната борбена обука на професионалните војници

„Како министер за одбрана сакав лично да се уверам дека тука сè што работите е соодветно и дека ги имате сите средства кои ви се потребни. Ве уверувам дека ќе направиме сè што е во наша моќ за да создадеме најдобри работни услови“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери при денешната посета на новопримените професионални војници кои во моментов го посетуваат курсот за основна борбена обука во центарот за обука „Пепелиште“.

 Воедно, министерот Џафери потсети дека оваа класа професионални војници се разликува од досегашните по тоа што во работниот однос со Армијата влегува со целосна егзистенцијална сигурност за себе и за својата фамилија имајќи ги предвид законските дополнувања со кои професионалните војници по 45-тата година од животот ќе продолжат да работат во државната служба.

 При посетата на професионалните војници началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески, изрази очекување тие да се оспособат за основите на тоа што значи војничката професија, што е потребно за нивното идно доусовршување. Основно е, посочи генералот, вие меѓусебно да се запознаете, да се почитувате, да бидете јак војнички колектив кој дише заедно, а заедно се соочува и со истите предизвици. Генералот Котески додаде дека најважно е војниците да го сочуваат своето здравје бидејќи тие и требаат на Армијата здрави, физички подготвени, психички стабилни и подготвени да слушаат наредби.

 При посетата, челниците на Министерството и на Армијата ги разгледаа и просториите во кои се сместени професионалните војници, а воедно беа сведоци и на показната вежба „тим во напад во денски услови“.

 168-те професионалните војници од кои 11 се припаднички на понежниот пол, примени на последниот јавен оглас, во текот на едномесечниот основен курс на „Пепелиште“, се запознаваат со задачите и обврските кои произлегуваат од службата во Армијата на Република Македонија, како и со основните војнички вештини и борбената обука. Тие во рамки на курсот ќе бидат теоретски и практично тестирани со што ќе се потврди нивното познавање на сите елементи кои се дел од професијата војник во Армијата на Република Македонија.