Поскапува картата за влез на возрасни во Зоолошка

На барање на директорот на скопската Зоолошка градина, советниците во Град Скопје ќе треба да одлучат билетот за влез за возрасните да се покачи за 30 денари. Ако ова помине сега влезницата од 50 денари ќе биде 80, додека цената за влез на децата ќе остане иста, односно 50 денари, пренесува „Скопско ехо“.

Ова било неопходно вели директорот Ѓорѓи Галетановски, оти новите животни носеле нови трошоци, а требало да се одржува Зоолошката и да се обезбедува храна за животните.

За цената на влезот не одговарам лично јас одговараат и градските власти. Предлогот доага од мене, но предлогот ќе биде доставен кога ќе завршиме со некои инвестиции и кога ќе пристигнат новите животни тогаш ќе бараме да ја покачиме цената на картата бидејќи ќе треба храна за сите тие животни и одржување на зоолошката. Тоа би било од јануари следната година и не би било драстично зголемување плус 30 денари на билетот за возрасни, вели Галетановски.

На крајот целта според него, била да стане европска зоолошка по примерот на големите метрополи. За граѓаните пак, секое ново поскапување е нов удар по џебот.

Зарем секогаш мора преку наш грб да се остваруваат потребите? 80 денари и не е многу скапа карта, реално, ама боли фактот што секогаш мора нештата да се решаваат преку граѓаните, вели жителка од улицата „Рузвелтова“ во близина на зоолошката.