Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, pретседателот на Владата Христијан Мицкоски, mинистерката за образование Весна Јаневска и директорката Елена Симоновска, денес го поставија камен темелникот на новиот објект за ООУ “Свети Климент Охридски”.
Наместо досегашното училишно здание кое годинава одбележа точно 100 години постоење, учениците ќе добијат модерен, современ објект на 3600 квадратни метри со 19 училници и 7 кабинети и сите останати потребни простории. Досегашниот објект кој за многумина има големо сентиментално значење, нема да биде срушен, туку ќе остане да постои бидејќи има музејска важност, посебно за жителите на селото Драчево.
Денешниот свечен настан е првиот од капиталните инфраструктурни проекти со кои Општина Кисела Вода го започнува одбележувањето на својот 69-ти роденден и кои ќе се реализираат во текот на целата седмица.
-Денес е еден посебен ден за сите нас. На денот кога Општина Кисела Вода ја започнува својата роденденска седмица, реализираме уште едно големо ветување. Поставивме камен-темелник на нов модерен објект за основното училиште “Свети Климент Охридски” во селото Драчево во кое настава посетуваат 570 ученици. Новиот објект, кој ќе биде финализиран за околу две години, ќе обезбеди просторна функционалност од околу 3600 квадратни метри. На приземјето и двата ката ќе бидат распоредени 19 училници и 7 кабинети, со модерен хол, трпезарија со кујна, канцеларии, подрумски и сите други неопходни простории. Ова училиште ќе биде симбол на напредокот и посветеноста на нашата заедница за обезбедување најдобри услови за нашите деца. Иако сите ние имаме некаква сентиментална поврзаност со ова училиште, сепак тоа годинава одбележува 100 годишно постоење и сме свесни дека стариот објект повеќе не може да ги задоволи потребите на современото образование. Како градоначалник, во мојата програма ветив дека ваквите капитални инвестиции ќе бидат приоритетни и во овие три години тоа секојдневно го докажувам. Големо е моето задоволство што на денешниот свечен настан со нас е и новиот Премиер на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, како и новата министерка за образование Весна Јаневска. Поддршката од централната власт, за која сега веќе сме сигурни дека ја имаме за граѓаните ќе значи модернизација на сите општествени процеси. И сигурен сум дека образованието, како најзначаен столб на иднината на секое општество ќе биде област во која силно ќе се почувствуваат промените. Заеднички ќе успееме да ги реализираме нашите визии за подобра иднина, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
– Секогаш е задоволство да се биде дел од нешто убаво, нешто што започнува да се гради. Трет ден уште едно ветување исполнето пред граѓаните, граѓаните во Кисела Вода, во Драчево ќе добијат објект после 100 години училиште. Стариот објект е стар точно 100 години. Јас би сакал да посакам многу деца да го користат овој нов објект, бидејќи децата се нашата иднина и сè што правиме во нашите животи правиме за дечињата, да бидеме горди на тие што ќе нè наследат. Продолжуваме офанзивно, со жестоко темпо на реализирање на ветувањата. Би сакал да напоменам дека инвестицијата е поголема од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет. Јас му честитам и на градоначалникот што ги подготви документите и сето она кое беше неопходно да биде подготвено. Во текот на вчерашниот ден во доцните часови имав состанок со министерката за финансии, денеска продолжуваме да работиме, го подготвуваме ребалансот и можам да кажам дека во ребалансот ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините. Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил некаде во месец август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за градба, за да се фати есенската градежна сезона. Иако тоа претставува една третина од годината, средствата се малку повеќе од една третина. Од оние 15 милијарди кои ги предвидуваме од буџетот за реалокација кон општините, не се пет милијарди, туку се шест милијарди денари-изјави Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски.
На почетокот на градбата на новото ОУ „Свети Климент Охридски” во Драчево, Општина Кисела Вода говореше и новата министерка за образование Весна Јаневска која истакна дека ваквите капитални проекти значат камен темелник на подобро образование, можност за развој, а потоа и искористување на потенцијалите на нашите ученици во служба на нашата држава.