После Украина и Естонија, Летонија и Литванија го откажаа доаѓањето на состанокот на ОБСЕ

Балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија одлучија да не присуствуваат на самитот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кој ќе се одржи во Скопје на 30 ноември и 1 декември. Во заедничка изјава тие рекоа дека доаѓањето на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „ризикува да го легитимира агресорот- Русија како полноправна членка на нашата заедница на слободни нации“ и дека „одлучиле да не присуствуваат“.

Истото претходно го најави и Украина.

„Присуството на Лавров ги банализира свирепите злосторства што Русија продолжува да ги врши“, рече естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. „Местото на Лавров е во специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, додаде тој, објаснувајќи го заедничкиот потег на балтичките земји да го прескокнат состанокот.

Повеќето земји во Европа го затворија својот воздушен простор за руски авиони, но Северна Македонија реши да направи исклучок и дозволи пристигнување на руската делегација со авион, откако претходно Бугарија даде еднократна дозвола за прелетување на руски авион.