Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, свика за понеделникот во Вилнус, пред почетокот на самитот, состанок со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон за да се направи уште еден обид да биде отстрането турското блокирање на влезот на Шведска во Северноатлантскиот воен сојуз.
Столтенберг го закажа состанокот со Ердоган и Кристерсон ден пред почетокот на дводневниот состанок на врвот на НАТО, со кој Алијансата сака да демонстрира единство во контекстот на руската инвазија во Украина, земјата којашто прима обемна воена и материјална помош од земјите членки.
Минатата седмица Столтенберг изјави дека придружувањето на Шведска во НАТО е близу. „Она што е важно е дека следната седмица ќе имаме позитивен исход“, изјави генералниот секретар за новинарите по средбата со претставниците на Турција и на Шведска во четвртокот.
Ланскиот мај Шведска и соседната Финска истовремено ја напуштија децениската декларативна воена неутралност и покрај тесните воени соработки со земјите од НАТО. Барањето за членство мора да го одобрат сите сега 31 држави членки, откако Турција и Унгарија го ратификуваа протоколот за прием на Финска, но натаму не го одобруваат приемот на Шведска која ја обвинуваат за непријателски гестови кон двете земји. Будимпешта порача дека ќе го ратификува шведскиот прием во Алијансата кога истото ќе го стори и Анкара.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на маргините на самитот во Вилнус треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и се очекува уште еден обид Анкара да биде убедена да го одобри шведското членство.
Турција одново ја обвини Шведска за дозволување манифестации со кои се навредува исламот и турскиот претседател, како и дека сѐ уште им дава политички азил на членовите на организациите кои турскот правосудство ги смета за терористички, во прв ред Работничката партија на Курдистан (PKK), и одбива да ѝ ги предаде на Анкара.
Шведска тврди дека ги исполнила барањата договорени во преговорите со Турција, главно со воведувањето на законот според кој членството во терористички организации се смета за нелегално. Анкара, пак, смета дека тоа не е доволно и дека продолжува шведското финансирање на таквите организации.
Ердоган во петокот порача дека ќе ја донесе „најдобрата одлука, каква и да биде таа“, со што всушност порача дека сите опции сѐ уште се на масата. Според политичките коментатори, клучот сепак би можеле да го имаат САД, доколку ја одобрат испораката на борбените авиони „F-16“ на Турција, која негира дека тоа е условот да даде „зелено светло“ за членството на Шведска.