Последиците од санкциите ќе бидат катастрофални за енергенсите, предупреди Путин

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди во петокот на можните катастрофални последици од западните антируски санкции поради војната во Украина врз глобалниот пазар на енергенси.

„Натамошното применување на политиката на нелегалните санкции, без претерување, ќе предизвикаат уште потешки, па и катастрофални последици врз светскиот енергетски пазар“, предупреди Путин.

„Санкциите против Русија им предизвикуваат многу повеќе штети токму на земјите коишто ги воведуваат“, ги повтори своите претходно констатации рускиот челник и истакна дека цените на енергенсите во западните земји „едноставно експлодираа“.

Специјалната воена операција, како што ја нарекува Москва воената интервенција во Украина, предизвика бран санкции од ткн колективен Запад без преседан во историјата против Русија, всушност продолжување на воведените од 2014 година. Покрај финансискиот сектор на удар на Брисел и Вашингтон се и енергенсите од Русија, што предизвика енормен раст на цените на енергијата на историски рекордни нивоа на Западот.

Путин во петокот изрази и задоволство поради тоа што најголем дел од земјите во светот, од Азија и Пацификот преку Африка и Јужна Америка, не се придружија на западните санкции. Исто така, посочи и дека другите земји големи производители на нафта пружија отпор на барањата на САД за зголемување на производството за да се надомести бојкотираната руска нафта која е и под ембарго и да се спречи растот на цените.

Во прв ред, големите производители на гас и нафта од Блискиот исток, повеќепати одговараа на притисоците од Западот дека ќе биде тешко и не во догледен период на глобалниот пазар да бидат надоместени количествата енергенси кои доаѓаат од Русија.

Поради намерите на земјите членки на Европската унија драстично да ја намалат својата зависност од руските енергенси со несклучување нови договори со Русија, одбивањето да се плаќа во рубљи и намалувањето на нарачките, намалени се испораките на рускиот гас во Европа. Истовремено и покрај напорите на Европејците да ги деверзификуваат своите добавувачи, тие и натаму се силно зависно од руските јаглеводороди.

Покрај тоа, како и поради одбивањето на Украина да го транзитира рускиот гас наводно поради опасност од воените дејствија само преку еден капацитет кон Европа, во јуни ова количество беше на историски ниското ниво.

На тоа се додава и сѐ поголемата загриженост на Германија дека од понеделник, доколку Канада не ја врати турбината од ремонт за гасоводот Северен тек 1, како и неговото целосно затворање поради редовното годишно одржување.

Последица од сето тоа е енормниот скок на енергенсите, што предизвикува рат на инфлацијата и ризик од долготрајно забавување на потрошувачката и на економскиот раст во западните земји, во прв ред во Европа.

Путин во петокот им се обрати и на руските компании предупредувајќи ги дека треба да бидат подготвени за ембаргото на нафтата од последниот пакет санкции на ЕУ.

„Пред некој ден, како што ви е познато, ЕУ воведе уште еден пакет санкции против Русија со ембарго на увозот (на руската нафта и забрана за нејзино пренесување по море – з.р.). Домашните компании треба да бидат подготвени на примена на оваа одлука, ние разговаравме за изгледите во услови на такви ограничувања на последниот состанок со енергетскиот сектор“, рече рускиот претседател.

Истовремено Путин додаде дека расте обемот на производството на енергенсите во Русија.

„Од почетокот на годината нивото на производството на нафтата го надмина минатогодишното за 3,5 отсто. Производството на гас за периодот од јануари до мај е минимално намалено, за само 2 отсто“, посочи Путин.

Според него, нивото на производство на нафтата со гасен кондензат во јуни годинава достигнало 10,7 милиони барели на дневно ниво, што е за половина милион барели повеќе отколку во мај.

Путин, исто така, истакна дека руските производители „одговорно пристапуваат“ кон исполнувањето на своите обврски, но повтори дека поради повиците на Западот за откажување од руските енергетски ресурси глобалните пазари сѐ уште се „во треска“.

Особено Путин потсети дека поради стравувањата од недостиг на нафтата на светските пазари, цената на нафтата од типот Brent еден период достигна до 130 долари за барел.

„Последните денови цените паднаа за 20 до 30 долари. Тоа се случи поради прогнозите за забавување на глобалната економија и почетокот на економските тешкотии во Европа“, оцени Путин.