Постапката за доделување на лиценци за продажба на алкохолни пијалоци и вршење на угостителска дејност се намалува од 15 дена на 4 дена. На овој начин процедурата за добивање на лиценци се намалува тројно.
„Скратувањето на постапката за добивање на лиценци е поради зголемениот обем на работа на угостителите во летниот период, но и забрзување на постапката заради непречено функционирање на субјектите.Ова е посебно значајно бидејќи 700 лиценци за продажба на алкохол истекуваат во септември, а 900 до крајот на годината, “ истакна министерот за економија Беким Незири.
Ако има недостатоци во документацијата на барателите на лиценца, тогаш процедурата за издавање е седум дена во кои се пресметани и оние три дена за докомплетирање на истата.
Новина е и тоа што на интернет страницата на Министерството за економија ќе може во секое време да се провери до каде е процедурата за издавањето на лиценци.
Придобивките според министерот Незири се тројно забрзување на постапката, почитување на законот, олеснување на процедурата а со тоа и работата на субјектите, ефикасност при решавањето на предметите, ефективност на службите кои работата на издавање на лиценци, транспарентност во работата и ажурирање на информациите за барателите на лиценци.
Законски, до сега за издавање на лиценца се чекаше 15 дена, а во пракса и повеќе.