Постапувањето на полицајците при приведувањето на новинарот Фуркан Салиу, ќе го испитува внатрешна контрола

-Внатрешна контрола ќе го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу, изјави денеска во одговор на новинарски прашања министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, се работи за кривично-правен настан.

-Внатрешна контрола за овие три месеци покажа дека можело и поинаку да се работи од тоа досега и во целост ќе биде испитано секое едно дејствие што е преземено од страна на полициските службеници, а е поврзано со овој кривично правен настан, рече Тошковски.

Тој повика на овој кривично правен настан да се го гледа таков каков што е, а тоа е дека станува збор за пресметка на две навивачки групи, за пресметка која што како таква доколку полицијата не интервенирала таму, можело да биде многу сериозно.

-Таму со камења е фрлано спрема полициски службеници, од една навивачка група спрема друга навивачка група и откога е воспоставен редот од страна на полициските службеници многу е битно да се каже дека натпреварот е завршен, односно фудбалерите го доиграле натпреварот и притоа, секако, немало да го доиграат ако не било воспоставен соодветен безбедносен ред во рамки на постапувањето, посочи Тошковски.

Тој сподели детали од вчерашниот настан, кои, како што рече, ги говори исклучиво само врз основа на факти што можел лично да ги констатира и дека станува збор за напад врз полициски службеник.

-Многу е битно да се знае дека навивачките групи почнуваат физички да се пресметуваат меѓу себе и од тој момент интервенира полицијата да ги раздвои. Трет факт е дека во рамки на физичкото пресметување е констатирано едно лице кое потоа е приведено, кое што на повеќе наврати физички напаѓа припадници на другата навивачка група и физички напаѓа и еден овластен полициски службеник кој го соборува потоа приведеното лице. Притоа при соборувањето на приведеното лице околу овластениот полициски службеник се присутни и други овластени полициски службеници припадници на интервентна полиција и на ЕБР, при што во моментот на приведување на повеќе наврати лицето физички удира и мава како по припадници на друга навивачка група, така и се бори со дел од полициските службеници, изјави Тошковски.

Исто така, додаде тој, факт констатиран е во текот на вчерашниот ден дека во возило, сопственост на еден од приведените, е пронајдено огнено оружје -пиштол при преглед од страна на овластените службени лица.

-Огненото оружје е со дозвола на имателот, која што во никој случај не може да амнестира во најмала рака прекршочна одговорност во овој дел заради тоа што таквото оружје не може да биде во возило во селото Средно Коњаре, односно точно се знае согласно закон како се поседува огнено оружје, како се транспортира од точка А до точка Б, како се носи истото, дали со полн шаржер, дали со празен шаржер…, кажа Тошковски.