
Денеска, во Берлин се изврши чинот на осветување на камен темелникот за нова црква од страна на неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г Стефан во сослужение со митрополитот на Европската епархија г. Пимен и митрополитот на Тетовско- гостиварската епархија г. Јосиф со многубројно свештенство од Европа.
Пред многубројните верници кои со задоволство го проследија чинот на осветување на камен темелникот на новиот објект, се организираше и богата културно – уметничка програма со музичката група „Доминанта“ и Ангел Стојкоски, а настап имаше и фолклорниот ансамбл „Македонско Сонце” од Диселдорф.

Оваа црква ќе биде од огромно значење за македонските православни верници, бидејќи според неофицијалните податоци се претпоставува дека во Берлин и околината живеат околу 10.000 православни Македонци.
Планот за изградба на црква е подготвен од страна на архитектот Елена Цонева и добиено е одобрение за градење од страна на надлежните институции во Берлин.