Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик-министерот Ѓоко Велковски денеска присуствуваа на поставување камен-темелник на објектот кој е предвиден да биде нова детска градинка по најсовремени стандарди на локација во Стопански Двор.
Обезбедена е нова локација на која предвидена е изградба на објект со капацитет од над 100 деца на површина од 415 м2 на приземје и 483 м2 на прв кат.
–Ова ќе биде уште еден реализиран проект од мојата предизборна програма. Ветив пред граѓаните решавање на проблемот со недостиг на капацитети за упис на деца во градинките и токму тоа го остваруваме. Насочени сме кон целосна елиминација на списоците на деца кои чекаат за упси во детските градинки во Ѓорче Петров – изјави градоначалникот Стојкоски.
Дечињата на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во две групи на приземјето на градинката. Првиот кат е предвиден за поголемите дечиња кои дневните програми ќе ги поминуваат во 4 занимални, односно вкупно 6 занимални заедно со јаслите, поделени на два ката. Објектот кој ќе биде граден по најмодерни стандарди ќе опфаќа заедничка занимална, повеќенаменски простор, просторија за изолација и просторија за индивидуална работа, гардеробер, кујна, санитарни простории и отворена занимална.
Општина Ѓорче Петров е место кое е се повеќе од интерес на младите кои решаваат семејниот живот да го започнат токму тука. Поради таа причина, особено внимание обрнавме новата градинка да има места за најмладите наши жители.
Изградбата на новата детска градинка во Стопански Двор е инвестиција на Владата во вредност од 60 милиони денари.
Во меѓувреме, инвестиравме и во други нови капацитети за предучилишна возраст. Новоотворената градинка „Сонце“ во Волково е доказ дека работиме во насока на згрижување на сите дечиња по светски стандарди и на внимателно одбрани локации, предвидени за објеки за најмладите.
Ја проширивме и градинката „Детелинка“ со две нови простории во кои згриживме 150 деца.