Камен темелник на нова детска градинка во кругот на основното училиште „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче денеска постави премиерот Никола Груевски заедно со заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалниците на Скопје и Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.
Премиерот Груевски истакна дека изградбата на градинката е долгогодишно барање на жителите на Горно Лисиче. Посочи дека Општина Аеродром вклучително и Горно Лисиче имаат доста младо население како и многу млади брачни двојки.
– Како податок ќе го земам бројот на семејства кои се решиле за трето дете. Во 2008 година во Аеродром имало 30 трети деца, а во 2016 скоро дупло, односно 59 трети деца. Податоците од првите девет месеци од 2015 година покажуваат дека во Аеродром се родени 682 бебиња, што споредбено со другите години најавува дека 2015 година ќе биде рекордна година за наталитетот во Аеродром, истакна Груевски, пренесува МИА.
Информира дека во 2016 година плановите на Владата се да помогне во изградбата и опремување на градинки во над 20 општини низ Македонија.
– Во овие градинки дечињата ќе ги носат сите граѓани, и тие што се политички определени и тие што не се политички определени. Од тука не би сакал политиката де се прекршува во делот на изградба на градинки за деца. Ова го кажувам од причина што дел од проектите за изградба и опремување на градинките во Македонија се делумно закочени со доаѓањето на новата министерка Ременски, рече Груевски.
Потенцира дека блокирањето не е во интерес на никој и апелираше да не се кочат ваквите проекти.
– Нашите политики се да им олесниме и да ги поттикнеме родителите да имаат повеќе деца и да ги прошират своите семејства. Македонија да раѓа нови генерации, да се зголеми наталитетот, државата да се подмлади и да има на кого да го оставиме сето она што денес го создаваме, порача премиерот Груевски.
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов потсети дека само изминатата година се отворени 10 нови детски градинки.
– Наша обврска е да продолжиме со тоа што сме го ветиле. Ќе има уште многу градинки во следните години, минимум по десет годишно, како што е владиниот проект и ветување, а ќе гледаме да бидат уште многу повеќе, истакна Спасов.
Новата детска градинка, како што информира градоначалникот Коневски, ќе има капацитет до 100 деца, а објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции.
– Објектот ќе содржи две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли и административен простор. Градинката ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, надгледни средства и играчки, информира Коневски.
Објектот, како што рече, ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.
Според него изградбата на градинката треба да заврши за шест месеци, а средствата кои се обезбедени од опшината и Министерството за труд и социјална политика се во висина од 13 милиони денари.
Изградбата на градинката беше ветена при теренската посета на премиерот Груевски на општината Аеродром, во септември минатата година.