Дел од граѓаните кои протестираа против францускиот предлог остануваат вечерва пред зградата на Владата, и поставија и шатори, а други дојдоа со своите возила.
Како што беше претходно најавено, вечерва дел од граѓаните ќе останат пред Владата, а утре протестот повторно продолжува во 19 часот.
Дека е можно да се останува пред Владата, најави и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Голем број граѓани и денеска присуствуваа на сенародниот протест кој одржува под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“. Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.