Постои законска забрана за објавување на имиња на даночни измамници, вели Лукаревска

„Даночната тајна е во Законот за даночна постапка уште од 2006 година. И многупати недисциплираните, злосторничките здруженија и бизнис функционирањето меѓу компаниите не можеме да го објавиме поради обврската според овој закон. Транспарентноста според оваа „даночна тајна“ е ограничена“, рече директорката на Управата за јавни работи и заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во Топ Тема на ТВ Телма.

Таа информираше дека за случаите со трите компании не станува збор за големи, туку за мали и за средни, додека добавувачите се големи и средни компании.
„Паралелно на оваа листа на должници од коморите имаше барање за бела листа на плаќачи и би било навистина одлично да ги видиме и најдисциплираните, оние кои најмногу допринесуваат на приходната страна на буџетот“, рече Лукаревска.

Истакна дека без лиценца, складишен простор за чување на нафта и без бензиска пумпа три компании се обиделе да го изиграат даночниот систем.
„Првиот и третиот случај имаат соодветна поврзаност преку ист сопственик, односно имаат ист основач, ист сметководител кој работел исклучиво само за овие два даночни обврзника. Кај втората компанија е интересно што нејзината дејност се менува по извесен период, а со промена на дејноста е недостапна за првиот и за третиот случај за да ја внесат во таа шема. Нема ниту лиценца, ниту складишен простор за чување на нафта, ги нема основните потреби што треба да ги има една нафтена компанија за да се занимава со оваа дејност,“ рече Лукаревска.
Посочи дека и при увидот не е констатирано дека постои бензиска пумпа воопшто, како и дека тоа значи дека не само што го изиграле делот на даночно работење туку ги изиграле сите правила и закони што треба да ги исполнуваат нафтени компании.