Континуираниот пораст на довербата што граѓаните ја искажуваат во испитувањата на јавното мнение последната година во однос на ВМРО-ДПМНЕ, и особено на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, колку е резултат на јасното закрепнување на самата партија, толку е јасен одговор на избирачите кон политиките што ги спроведува владејачката партија водена од Зоран Заев.
И да не беше во најмала рака комичната реконструкција на владиниот кабинет на премерот Зоран Заев која следеше на по промените во Централниот одбор на СДСМ, јавноста доби јасен увид во диктаторската наклонетост на челникот на социјалдемократите. Безгранична понизност кој оние кои се перцепираат како помоќни, во случајов одредени интереси чија марионета самоволно прифати да биде, и како компензација на ваквата фрустрираност и како резултат на тоа одмаздничката нетрпеливост кон оние коишто се во подредена позиција од него и во сопственото опкружување, а уште повеќе реваншизмот кон политичките противници, доведува до постепеното губење на довербата на избирачите во Заев.
Тоа го покажа многу недвосмислено последната анкета на агенцијата М-Проспект, чиешто истражување укажува дека Заев ужува сега 18,3 отсто доверба, но и дека сѐ почесто како избор на политичар во кој имаат најголема доверба испитаниците се определуваат за Христијан Мицкоски, кој во моментов ужива 11,7 отсто поддршка. Меѓутоа, и покрај „водството“ на социјалдемократскиот премиер, тука мора да се истакне дека пред само една година, кога и впрочем Мицкоски се промовираше како политичар во јавноста, па и пред поширокото партиско членство, анкетираните во него искажуваа само 2,3 отсто доверба. Што значи дека во еден многу кус период Мицкоски успеа дури за пет пати да го зголеми својот рејтинг кај избирачите, наспроти очигледниот надолен тренд кој се забележува во довербата којашто ја ужива Заев.
Оттаму, само како самохрабрење и самозалажување може да се сфати последната изјава на Заев дека политичката опција што тој ја води ќе победела на следните парламентарни избори. А уште повеќе дека ни самиот лидер на СДСМ не верува во сопствените зборови, многу јасно покажа одмазничката операција што следуваше со апсењето на поранешни и сегашни партиски функционери и државни службеници на ВМРО-ДПМНЕ. Која не може да биде квалификувана како ништо друго освен како обид да се дефокусира јавноста од скандалите и корупциските афери во врвовите на власта.
Тие, сепак, се рефлектираат и врз поддршката за владејачката СДСМ која споредено со показателите од минатата година е во незапирлив тренд на опаѓање, наспроти растот на граѓаните кои својата поддршка ја даваат за ВМРО-ДПМНЕ што е во забележителен контиунуиран пораст. Имено, според споменатата анкета на М-Проспект, доколку сега се одржат парламентарни избори, секој четврти граѓанин односно 25 отсто од избирачите би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, за СДСМ би гласале 23,1 проценти. Споредено со резултатите од пред една година, може да се забележи дека довербата во СДСМ е намалена, од 25,5 отсто во 2018 година, додека поддршката за ВМРО ДПМНЕ се зголемила од 20,6 проценти пред дванаесет месеци.
Ваквите показатели укажуваат дека Зоран Заев и СДСМ и покрај максималното користење на институциите на државата, во прв ред во справувањето со опозицијата, како и покрај големата поддршка што ја уживаат поради моменталното одржување на извесна политичка стабилност во земјата, не ги исполнил очекувањата на граѓаните. Таканаречената „метла“ уште од нејзиното споменување стана цел на подбишега во јавноста и набрзо се покажа дека е само инструмент на Заев за целосна превласт во својата партија, а резултатите кои им ги ветуваа, граѓаните никако да се почувствуваат. Поради тоа, може да се претпостави дека ќе следуваат нервозни потези на Заев за извлекување од спиралата на дебакли и скандали што ги произведува владата што ја предводи.