Сандро Росел и официјално повеќе не е претседател на каталонскиот гигант Барселона, откако пред неколку часа го исполни даденото ветување дека ќе поднесе неотповиклива оставка.
За разлика од шпанските медиуми, кои вината за таквата одлука ја лоцираа во големиот скандал со трансферот на бразилскиот интернационалец, Неимар, Росел на последната прес-конференција откри дека се повлекува поради големиот притисок и поради заканите кои пристигнале на неговата адреса.
„Јас и мојата фамилија веќе извесен период бевме цел на секакви напади, на секакви закани. Убаво размислив, самиот се прашав дали толку вреди претседатеската функција. Во изминатите неколку дена бев цел на секакви критики, а најголемиот број од истите беа невистинити. Јас и понатаму останувам на ставот дека нема ниште неправилно околу трансферот на Неимар. Јас не сакам лошиот публицитет да има некакво влијание или да му наштети на клубот. Додека јас бев претседател, Барселона го освои пехарот во Лигата на шампиони и освоивме две титули во Примера дивизион. Истото важи и за останатите клубови кои се дел од ова семејство. Доволно е да се потцетите на голот на Роналдињо во Париз, погодокот на Меси во Рим и Лондон. Јас ја има таа чест да кажам дека најдобрите фудбалери го носат или го носеле дресот на Барселона”, изјави Росел.
Претседателската функција до следите избори ќе ја извршува досегашниот потпретседател Жосеп Мариа Бартомеу.