Министерството за правда го објави текстот на Предлог-законот за помилување, кој како новина за подобрувањето на функционалноста на правниот систем беше најавен кон крајот на минатата година. Со новиот закон ќе се зацврстат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван.
Целта на Предлог-законот, се вели во законското образложение, е да се подобри уредувањето на помилувањето како институт и да се елиминират недостатоците во сегашниот закон. Во подготовката на законското решение анализирани се прописи, акти како и препораки на Европски суд за човековите права и генералните принципи на законите на Европската унија.
Се регулираат видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.
Се пропишува дека Претседателот дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со законите, согласно Кривичниот законик. Помилувањето се дава на определено физичко лице заради: потполно или делумно ослободување од издржување на казната по правосилна пресуда; замена на изречената казна со поблага казна по вид и висина или со алтернативна мерка; замена на алтернативната мерка со друга мерка по вид; давање на предвремена рехабилитација; укинување или одредување на пократко траење на правните последици на осудата; и укинување или одредување пократко траење на мерките за безбедност.
Во законското решение, исто така се пропишува дека постапката за помилување се поведува со молба на осудениот или неговиот бранител. Исто така, молба во корист на осуденото лице, со писмена изјава за согласност на осуденото лице, може да поднесат и брачниот другар, роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател.
Молбата се поднесува до МП кое утврдува дали постојат услови за водење на постапка за помилување. Министерството ги собира потребните податоци и подготвува извештај во рок од 30 дена по добивањето на податоците, заедно со списите се доставуваат на Комисијата за помилување.
Комисијата ги доставува до Претседателот на државата, кој е надлежен да донесе одлука за помилување на осудено лице, одлука за одбивање на молбата за помилување на осудено лице, решение за уважување на молбата за помилување или решение за одбивање на молбата за помилување.
Комисија за помилување во Министерството за правда е составена од министерот за правда и шест членови со мандат од четири години. Со Комисијата претседава министерот за правда. Членовите се назначуваат од редот на истакнати стручњаци со професионално работно искуство во областа од најмалку 10 години, од кои тројца се од областа на правото и по еден од областа на медицината, психологијата и социологијата.