М-НАВ, денеска потпиша договор со производителот „ЛЕОНАРДО‟ од Италија за набавка и инсталација на најсовремен систем за контрола на летање (Аir traffic management – ATM), вклучувајќи и за техничко оперативна сала за истиот.
Процесот на набавка се одвиваше во согласност со политиките и процедурите за набавка на ЕБОР и истиот беше следен и одобрен од нивна страна. Со потпишувањето на договорот, овој долготраен и комплексен процес, денес беше успешно реализиран. ATM Системот е примарен систем на контролата на летање, преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ, т.е. давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор на Република Македонија, информираа од М-НАВ.
Новиот АТМ систем овозможува одржување на безбедноста на највисоко ниво, усогласеност со најновите технолошки стандарди, придонесува за подигнување на капацитетите, зголемување на ефикасноста на целиот систем и воедно ќе овозможи способност за успешно справување со очекуваниот зголемен обем на сообраќај.
Изборот на производителот на новиот систем за контрола на летање што треба да го добие М-НАВ, не наиде на позитивна оцена во извештајот за евалуација на понудите, направен од вработените во контлола на летање.
„Леонардо“, на тендерот има понудено речиси 1 милион евра поскапа цена од шпанската компанија „Индра“. Всушност овие две компании останаа во последната фаза од постапката за набавката на системот.